Обраќање на деканот

 

Добродојдовте на web страницата на Стоматолошкиот факултет, член на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” во Скопје
 
Стоматолошкиот факултет во Скопје со гордост го носи епитетот на најстара високообразовна установа во Република Македонија, којашто повеќе од половина век се грижи за оралното здравје на населението. Почетоците на организирана забоздравствена дејност потекнуваат од далечната 1948/49 година, кога во рамките на Медицинскиот факултет е основана Клиниката за усни, забни и вилични  болести, за да триесеттина години подоцна, поточно во 1977/78 година тогашниот Стоматолошки оддел при Медицинскиот факултет прерасне во Стоматолошки факултет, во чијшто состав има седум катедри со различни стоматолошки предмети.
 
Денес, во рамките на своите редовни активности, Стоматолошкиот факултет ги соединува едукативната, научноистражувачката и здравствено апликативната дејност од областа на стоматологијата. Низ амфитеатрите, предавалните и вежбалните на факултетот поминале повеќе од педесет генерации на дипломирани стоматолози, како и специјалисти по различни стоматолошки специјалности коишто се грижат за оралното здравје на своите пациенти, како во нашата држава, така и ширум светските меридијани. Во целокупниот овој период, благодарејќи на следењето на современите сознанија од областа на стоматолошката наука и струка, се реализира успешен третман на нашите пациенти, што е несомнено и единствената, крајна цел на оваа хумана професија.
 
Сведоци сме на брзиот и несопирлив развој што последниве неколку децении го доживува стоматологијата, па оттука се наметнува и насушната потреба за следење на теоретските и практичните сознанија од оваа област на биомедицинските науки. Појавата на нови, современи стоматолошки материјали и техники што се случува последниве години се наметнува со сета жестина и токму затоа како императив се јавува потребата од континуирано стручно и професионално усовршување на стоматолошкиот кадар.
 
Желбата за следење на современ пристап во третманот на нашите пациенти го постави Стоматолошкиот факултет во позиција да генерира студиски програми со наставни содржини, коишто се компатибилни со европскиот систем на едукација, изразен преку европскиот кредит трансвер систем и профилирање на стоматолог, којшто теоретските и практичните сознанија, стекнати на нашиот факултет ќе може да ги примени, по потреба и на европскиот пазар на трудот. Наставно научниот и соработничкиот кадар на Стоматолошкиот факултет, заедно со стручната факултетска служба се целосно посветени на следењето на сите современи дострели на полето на стоматологијата, како и нивно целосно и безкомпромисно пренесување на нашите студенти.
 
На Стоматолошкиот факултет се изведува настава во три циклуси, конкретно додипломската настава се однесува на профилирање на доктори по дентална медицина, стручни забни техничари и стручни стоматолошки сестри, потоа наставата во вториот циклус е наменета за здобивање со научното звање магистер по стоматолошки науки, и конечно во третиот циклус, кандидатите се здобиваат со научен степен доктор по стоматолошки науки.
 
Вработените наставници и соработници на УКИМ Стоматолошки факултет во Скопје, како факултет со најдолга традиција и искуство на полето на стоматологијата, со нескриен самопрегор и жар се залагаат да го задржат приматот во теоретската и практичната едукација, со цел нашите студенти да се оспособат за успешно справување со предизвиците, што со себе ги носи новото време.    
 
 
Проф. д-р Љубен Гугувчевски

Редовен професор на Катедрата по стоматолошка протетика